Брегалница полека се враќа во коритото
Надлежните очекуваат во текот на денешниот ден да дојде до драстично намалување, бидејќи намален е и испустот од акумулацијата Калиманци...

Брегалничка река полека се враќа во коритото. Нивото на водата во споредба со вчерашниот ден утринава е намалена за 30 сантиметри. Надлежните очекуваат во текот на денешниот ден да дојде до драстично намалување, бидејќи намален е и испустот од акумулацијата Калиманци.
Според податоците од Центрот за управување со кризи во 7 часот утрово, дотокот на вода во акумулацијата изнесувал 73 м/3 вода, додека од браната истекуваат 66 м/3.
На терен и денеска се сите надлежни служби. Во општина Чешиново- Облешево , пожарникарите, Армијата и месното население започнаа со санација на последиците кои зад себе ги остави реката.
Полека се нормализира и сообраќајот, засега информациите од теренот говорат дека единствено селото Теранци останува отсечено од општината. Кон ова населено место и денеска не може да се стигне со автомобил.
Водата од градскиот водовод во штипскиот регион и понатаму може да се користи само како техничка вода. Населението со пивка вода се снабдуват од цистерни или со флаширана вода која до нив ја доставуваат локалните власти кои се во постојана комуникација со Кризните штебови.
Ако наредните денови се оствари прогнозата на синоптичарите и имаме релативно стабилно време со слаби врнежи од дожд, земјоделците очекуваат дека водата ќе се повлече и од обработливото земјиште. Засега под вода се стотина хектари обработливо земјиште.
Дијана Иванова
