Загребски „Керемпух“ со „Да живее Хармс! Чудата постојат“ вечерва во Драмски театар

03.02.2015 14:08

Вечерва во Драмскиот театар прв пат во Македонија ќе биде изведена претставата на македонскиот режисер Александар Поповски, „Да живее Хармс! Чудата постојат“. Хрватскиот театар Керемпух гостува во Скопје. Тарик Филиповиќ, Маја Посавец, Иван Ѓуричиќ, се дел од актерската екипа...

Претстава која прашањата на апсурдот, пародијата и на хуморот воопшто не ги третира еднодимензионално, вкалапено и предвидливо. Возбудлив театар кој се впушта во ризик, во своевидна авантура, театар кој произведува неочекувани резултати.
 
„Знаев дека Хармс е нешто што е непредвидливо. Тој оди во сите возможни правци. Тој прави што сака, пишува што сака. Кај него летаат луѓе, се сретнуваат мали животинчиња“, вели режисерот Поповски.
 
„Да живее Хармс! Чудата постојат“ е големо искушение за Драмскиот театар, вели директорот Вељановски. Дека се работи за одлична претстава зборува фактот што картите експресно се распродадени. Хрватските актери сакаат да играат пред македонската публика.
 
„Мислам дека македонците се повозбудени во врска со Хармс од хрватската публика. Претстава која за нас актерите е волшебна, а вечерва и ќе видите зошто. Би рекол дека 30 проценти од гледачите се маѓепсани од претставата, а другите 70 проценти прашуваа „што е ова?“ после претставата, но сигурен сум дека вечерва ќе ни биде убаво да играме пред македонската публика“, вели актерот Тарик Филиповиќ.
 
Хрватскиот театар Керемпух е основан на 25-ти март 1964-та година. 50 годишниот јубилеј лани го прославија со претставата „Да живее Хармс! Чудата постојат“ на Александар Поповски, а вечерва ќе биде изведена и кај нас.
 
„Проект кој што го посветивме на сите писатели, кои поради својата пишана реч, или поради своите дела биле затварани или прогонувани како што бил Данило Хармс кој е уапсен во Петроград, а починал во Ленинград од глад, во затвор“, вели Душко Љуштина, директор на сатиричниот театар „Керемпух“.
 
За хрватските актери оваа претстава е едно непредвидливо патување. Патување за кое не ја знаеле целта. А за еден актер е возбудливо кога незнае каде ќе стигне- велат. Секоја сцена во претставата е една мала етида, и секоја може да се третира како мала претстава.
 
 
 
Александра Перевска