Атланта загуби по 19 натпревари
Нашиот Перо Антиќ имаше и повеќе од скромен придонес во остварувањето на Хоукс, бидејќи за шест минути на паркетот не даде кош, а запиша само по една блокада и загубена топка...

По цели пет недели и по дури 19 победи едноподруго, запрена е импресивната низа на Атланта Хоукс. Тимот со најмногу триумфи досега сезонава во НБА лигата ноќеска загуби на гости кај Њу Орлеанс Пеликанс со 115-100, што беше прв пораз за него по 26 декември. Поради овој деветти неуспех, а само трет во последните 36 одиграни средби, Атланта не изби на четвртото место на вечната листа според бројот на победи во серија, но се уште е убедлив лидер на поредокот во Источната конференција.
Нашиот Перо Антиќ имаше и повеќе од скромен придонес во остварувањето на Хоукс, бидејќи за шест минути на паркетот не даде кош, а запиша само по една блокада и загубена топка. Џеф Тиг беше прв стрелец на Атланта со 21 кош, додека во победничкиот состав блескаа Ентони Дејвис и Ерик Гордон, постигнувајќи заедно 50 поени за Пеликанс.
Најдолга победничка низа сега има Кливленд. Кавалирс ја победија Филаделфија со 97-84 во мечот во којшто Кајри Ирвинг уфрли 24, а Леброн Џејмс 18 коша. Милвоки славеше во Торонто со 82-75, а Феникс во Мемфис со 102-101.
Во другите ноќешни средби: Вашингтон-Шарлот 88-92, Бруклин-Лос Анџелес Клиперс 102-100, Оклахома Сити-Орландо 104-97 и Далас-Минесота 100-94.
