Нова ескалација на судирите во Украина
Бунтовничките власти обвинуваат дека НАТО ги вооружува украинските сили...

Хеликоптер и авион на украинската војска се соборени над Доњецк. Во изминатите 24 часа судири Украина изгубила уште 7 тенкови и 163 војници, тврдат самопрогласените народни власти, информација што не ја потврдува Киев. Во судирите загинале најмалку 16 цивили. САД сериозно размислуваат за можноста да го вооружат Киев за да ја натераат Русија да го прекине доставувањето на воена поддршка на сепаратистите. Бунтовничките власти обвинуваат дека НАТО ги вооружува украинските сили.
„Гранатите се користат во артилериските системи на НАТО земјите, украинската војска нема такви. Ова е граната од артилериски самострел М-109 А1, произведен во САД. Ако падне внатре, ударот и шрапнелите ќе уништат се живо“, вели Едуард Басурин, проруски командант.
Бегалски коридори се отвораат од фронтот, а долгите колони сведочат за ужасот на судирите пожестоки од кога било. Угљегорск, упориштето на украинската војна е под бунтовничка контрола. Меѓу два огна, жителите ги напуштаат домовите пред се позачестените напади врз цивилите.
„Не знаеме каде одиме, само да е подалеку од лудницава. Порошенко, да скапаш во пеколот, ист таков во каков што живеат нашите деца“, изјави жителка на Донбас.
До сега најлошата ескалација на кризата во Украина ќе биде во фокусот на разговорите меѓу генералниот секретар на НАТО, Столтенберг со шефот на руската дипломатија Лавров и со украинскиот претседател Порошенко на Конференцијата за безбедност во Минхен во петок.
Обединетите нации соопштија дека од минатиот април во конфликтот се убиени речиси 5.400 луѓе.
Ивана Салтировска
