Меѓународниот суд во Хаг ги отфрли тужбите на Србија и на Хрватска

03.02.2015 15:32

Според пресудата ниту Хрватска, ниту Србија не успеале да докажат дека спротивната страна направила геноцид...

Меѓународниот суд на правдата во Хаг ја отфрли тужбата на Хрватска и противтужбата на Србија за геноцид на хрватска територија од 1991-1995 година. Според пресудата ниту Хрватска, ниту Србија не успеале да докажат дека спротивната страна направила геноцид.

„Судот оцени дека она што воопштено се нарекува етничко чистење во суштина не претставува форма на геноцид. Геноцидот е намера да се уништи цела или дел од етничка група, а не протерување од одредена територија“, рече Петр Томка, претседател на судот.

Според пресудата, судот утврдил дека злосторствата кои над Хрватите недвосмислено ги направиле српските сили и ЈНА биле со цел насилно да се протераат Хрватите од еден дел на територијата, но не и физички да се уништат. Судот потоа ги потврди злосторствата но не и геноцидните намери пред, за време и по акцијата Бура на Хрватска над краишките срби, со што ја отфрли и српската тужба.

Со ова заврши 16- годишниот спор меѓу Хрватска и Србија, кој според аналитичарите дава можност двете држави да направат голем напредок во меѓусебните односи.

 

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ