Грција бара нови начини да го врати преголемиот долг

03.02.2015 16:13

Грција до Брисел- со нова иницијатива. Долгот да се враќа во согласност со големината на Бруто општествениот производ...

Новата грчка влада ја почна засилената дипломатската активност за да ја информира    европската јавност за тоа како ќе го реши преголемиот долг. Кон крајот на месецот  истекува договорот со кредиторите, доколку тој не се обнови, грчките банки ќе останат без пари. Затоа Ципрас својата европската турнеја ќе ја почне од Италија која ја кредитира Грција со 40 милијарди и нема намера да и го опрости долгот.   

„Не сакаме да решаваме унилатерално во врска со нашиот долг, да постигнеме нов договор во интрес на двете страни и затоа предлагме тој да се враќа според растот   на Бруто- општествениот производ“, изјави новиот грчки премиер, Алексис Ципрас.  

Дел од добрите познавачи на финансиските грчки проблеми сметаат дека младиот грчки премиер сфатил оти предизборните ветувања се едно, а реалноста сосема друго, бидејќи пораката што ја упати е сфатена и како ублажување на ставот на неговиот министер за финансии, Јанис Вароуфакис, кој се залага да ја прекине соработката со европската „тројка“, но и на помош да ја викне американската банка „Лазард“, за да  ги посоветува грците како да го решат долгот.

„Она што во момнетов ни е непходно е стабилизрање на состојбата и во преговорите да изнајдеме конечно решение за излез од кризата“, изјави Јанис Вароуфакис, министер за финасии на Грција.

Европските политичари очекуваат Грците да ја ублажат реториката особено кон германската канцаларка Меркел, која останува на ставот дека на Грците овој пат нема да им се отпише долгот, за што се согласуваат и останатите европски партнери.

„Во економијата не се негира реланоста“, нагласува Ерки Ликанен, гувернер на Централната банка на Финска.

Грчкиот премиер Ципрас очекува без оглед на разликите, дека наскоро ќе се потпише нов договор, дека долгот ќе се отплати кон евроските финасиски институции кои за да го избегнат банкротот на оваа земја и позајмија 240 милијарди евра.

Мирјана Василева