Минатата година историска за капиталните инвестиции

03.02.2015 16:34

Според фискалната табела на Министерството за финансии државните вложувања во 2014-тата година се на историски највисоко ниво. Ако реализацијата на капиталните расходи во 2005-та изнесувале 10 милјарди денари, за 10 години се зголемиле за 280 проценти...

Автопати, пруги, училишта, градинки, канализациски мрежи, спортски игралишта. Над 21 милјарди денари капитални инвестиции се реализирани минатата година. Заедно со Агенцијата за државни патишта оваа бројка изнесува 28 милјарди денари.

Според фискалната табела на Министерството за финансии државните вложувања во 2014-тата година се на историски највисоко ниво. Ако реализацијата на капиталните расходи во 2005-та изнесувале 10 милјарди денари, за 10 години се зголемиле за 280 проценти.

„Нашата економија е во фаза на подем во однос на капиталните расходи, капиталните инвестиции“, смета универзитетскиот професор Димитар Ефтимовски.

Минатата година е историска и за крупните проекти во инфраструктурата. По неколку децении почната е изградбата на 104 километри нова автопатска мрежа. Се градат два нови модерни автопати. Автопатот „Гоце Делчев“ кој води од Скопје до Штип е со должина од 47 километри. Во него се инвестирани 206 милиони евра. 374 милиони евра чини изградбата на автопатот од Кичево до Охрид и е најголемата инвестиција во последните 50 години. Во 2014 продолжи и изградбата на автопатската делница од Демир Капија до Смоквица вредна 219 милиони евра. Бизнис секторот очекува добрата патна инфраструктура да ги зголеми странските инвестиции во земјава.

„Со оглед на тоа дека веќе се одвиваат позначајни инфраструктурни проекти во државава, веќе се активираат и голем број странски инвеститори во технолошките зони низ Македонија“, изјави Сеад Кочан, потпретседател на ССК.

Во делот на железничката инфраструктура почнати се најкрупните проекти кои значат комплетно поврзување кон Бугарија и Албанија. 39 милини евра чини изградбата на пругата од Куманово до Белјаковце, а по повеќе од три децении се оновува и Железничката станица во Скопје. За нејзина реконструкција се издвоени 2,5 милиони евра.

 

Сунчица Николоска