Се стега обрачот околу телекомуникациските оператори
На адреса на Агенцијата за електронски комуникации, за половина година стигнале речиси 800 граѓански барања за решавање на спорови, најголем број приговори за брзината на интернет...

По граѓанските поплаки се стега обрачот околу телекомуникациските оператори. Законска контрола и на трошоците во роаминг. Ако претплатникот надмине сума од 1.000 денари интернет во странство, односно три илјади за СМС и разговори, компанијата е должна да го извести и да го праша корисникот дали ќе продолжи да ја користи услугата.
„Досега имавме огромен број на случаи да корисниците не се свесни дека нивните телефони сурфаат додека се на пат. Потоа доаѓаат до АЕК со огромни сметки, а АЕК досега немаше никаква законска основа како тие приговори да ги прифати“, вели првиот човек на Агенцијата за електронски комуникации, Роберт Ордановски.
На адреса на Агенцијата за електронски комуникации, за половина година стигнале речиси 800 граѓански барања за решавање на спорови, најголем број приговори за брзината на интернет, но и за листата на канали во претплатничките договори. Сега се обврзуваат операторите детално да ги дефинираат, да не ја менуваат содржината на своја рака, во спротивно корисникот има право да ја раскине соработката без никакви пенали.
„На повеќе од 24 месеци не можете да потпишете договор, и операторот пред истекот на тие 24 месеци операторот треба да ве извести, а не сами да се продолжуваат договорите и да не се знае колку истите траат“, вели Владимир Ристески од АЕК.
Од 30-ти ти јули стартуваат пониски цени на роаминг услугите со Србија, Црна Гора , Босна и Херцеговина, нивелирани на ниво на земјите од ЕУ.
Сузана Фиданска- Стоевска
