Каратистите подготвени патуваат на ЕП за кадети и јуниори

03.02.2015 18:09

По успешните подготовки изминатите денови, делегација од 35 спортисти во раните утрински часови тргнува кон Цирих, Швајцаријакаде што во конкуренција на 45 земји ќе учествува на континенталниот шампионат од 6 – 8 февруари...

По седумте номинации во кои освоија 4 “Златни статуетки“ во изборот на Спортист на годината, македонските каратисти се пред нов предизвик, настапот на 42 ЕП за кадети јуниори и постари јуниори. По успешните подготовки изминатите денови, делегација од 35 спортисти во раните утрински часови тргнува кон Цирих, Швајцаријакаде што во конкуренција на 45 земји ќе учествува на континенталниот шампионат од 6 – 8 февруари.Иако поради смена на генерација ќе отсуствуваат тројцата медалисти од минатата година, четирикратниот шампион Берат Јакупи кој е веќе сениор, како и бронзената од минатата година Поликсенија Јованоска во кати и повредениот Мартин Стојменов, селекторите очекуваат продолжување на трофејната традиција.  На прес конференцијата беа за првпат претставени националните тренерки со новиот дизајн испишани со уставното име на Република Македонија. Цирих е среќен за Македонија, таму Наташа Илиевска во 2011 го освои првото злато во историјата, што е мотив плус за младите надежи.

Во Швајцарија експедицијата заминува во раните утрински часови, а ЕП ќе се одржи од 6 – 8 февруари во “Saalsporthalle“ арената. Покрај 35 натпреварувачиво делегацијата се уште 8 официјални лица - освен селекторите и нивните помошници, тука е и лекар, европски судија и шефот на делегацијата Дејан Чолески, член на ИО на КФМ.Тоа воедно е прво големо натпреварување во 2015 година, во која најзначајните се Европското првенство за сениори во март во Истанбул, Светското првенство за помлади категории во ноември во Џакарта, и секако за првпат во историјата - Европските олимписки игри во Баку, од 12 – 26 јуни.