Првото злато за Фенингер
Фаворизираната американска скијачка дива Линдзи Вон остана трета, со неисполнетата прва натпреварувачка цел.Ана Фенингер за неполна година ја слави втората своја голема победа...

Австријката Ана Фенингер ја имаше главната улога на отворањето на Светското првенство во алпско скијање.Таа го освои златниот медал во супервелеслалом. Голема неизвесност ја красеше премиерната трка на падините на Веил и Бивер Крик.Драматичниот натпреварувачки заплет го зголемуваше и силниот ветар. На патеката долга 1840 метри, мали нијанси ги вајаа првите мундијалски одличја.Трите скијачки на подиумот беа сместени во само 15 стоти делови од секундата.Ана Фенингер низ целната линија мина со само 3 стотинки подобро време од Словенката Тина Мазе.
Фаворизираната американска скијачка дива Линдзи Вон остана трета, со неисполнетата прва натпреварувачка цел.Ана Фенингер за неполна година ја слави втората своја голема победа во супер- џи, по минатогодишниот триумф на Олимписките игри во Сочи. Ова е нејзин втор златен медал на светските првенства по победата пред четири години во Гармиш во суперкомбинација.Првиот скијачки блесок го имаше на светското јуниорско првенство во 2006-та година и оттогаш е една од најголемите узданици на австрискиот тим.
Тина Мазе не го одбрани златото од пред две години во Шладминг, но „првата дама“ на светското скијање ја потврди и високата класа и врвната форма. Ова е нејзин осми медал на светските првенства. Линдзи Вон не ја продолжи супериорноста од последните трки во Светскиот куп. Можеби пресилна беше помпезноста, која го следеше првото нејзино излегување на стартот и притисокот во јавноста со кој се соочи.Но ќе има втора шанса во спустот, во омилената нејзина дисциплина.
Светско првенство-супервелеслалом (Ж)
1.Ана Фенингер (А) 1:10.29
2.Тина Мазе (Сло) 1:10.32
3.Линдзи Вон (САД) 1:10.44
