Забрана за камиони на патиштата кај Маврово, Пресека и Буково
04.02.2015 09:47
Сообраќајот на сите останати државни патишта се одвива по наместа влажни коловози.АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација...

Поради интензивни врнежи од снег, на патните правци крак Маврово – Дебар, Кичево – Охрид преку планинскиот премин Пресека и Охрид Ресен преку Буково има забрани за движење на тешки товарни возила, соопшти изутринава Автомотосојузот на Македонија.
Сообраќајот на патниот правец клучка Марвинци – Гевгелија е во прекин поради излевање на Вардар на коловозот, а има прекин и на патиштата Кочани – Зрновци и Трботивиште - Разловци поради попуштање на мостовите на реката Брегалница.
На патот Демир Капија – Корешницае воведена забрана за сообраќај на лесни возила поради излевање на реката Вардар на коловозот. Во општина Пробиштип, поради свлечиште и понатаму е во прекин сообраќајот за сите видови моторни возила на патот Киселица – Злетово. Возилата се пренасочени од Киселица – Пробиштип – Леговец – Злетово.
Поради зголемување на нивото на реката Брегалница, превентивно е затворен патниот правец од Ново Село кон Радовиш.
Во прекин е сообраќајот на локалниот пат за село Покрајчево кој го поврзува магистралниот пат Радовиш-Струмица, поради излевање на Радовишка река и се одвива преку село Подареш-Радовиш.
За секаков вид сообраќај е во прекин регионалниот патен правец од село Тополчани кон село Клепач поради премногу вода, а голлеми одрони од камења го прекинаа сообраќајот на патот Скопје – село Брезница - Кула - Коломонт - Македонски Брод. Ренџерската служба на Јавното претпријатие „Јасен“ во рамки на своите надлежности го расчистува патот и ги известува патниците за движење на овој патен правец.
Сообраќајот на сите останати државни патишта се одвива по наместа влажни коловози.АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, каде е можна почеста појава на одрони.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.
Во сила е законската обврска за поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моментната временска состојба. Обврската ќе трае до 15 март.
