Бесими: Одлагањето на преговорите со ЕУ, не е добро за стабилноста во регионот

04.02.2015 10:48

Да, Македонија може да стане член на Европската унија, одговори вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими на прашања од американски експерти во Вашингтон. Според него, процесот на разговорите во рамките на Обединетите нации треба да добие временска рамка со поттик од страна на меѓународната заедница и паралелно да се одвиваат и преговорите на Македонија за прием во Европската Унија...

Македонија е подготвена да ги почне преговорите со Европската Унија. Одлагањето поради блокадата од Грција и по шест препораки од Европската Комисија не е добро за стабилноста на регионот вклучувајќи го и нашиот јужен сосед. Членството во НАТО и во ЕУ е инвестиција, изјави вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими при предавањето на универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон.

„Верувам дека има начин за решение на спорот со името. Треба да го зајакнеме работењето дома во Македонија и грчките политичари во Грција. Нашите партнери и пријатели од меѓународната заедница треба да помогнат во овој процес. Тоа е начинот, бидејќи без решение, без прием на регионот во НАТО и ЕУ, и Грција нема да има корист. Грција може ја презеде улогата на лидер во регионот за процесот на интеграција на Балканот. Ова би било победничко сценарио за двете страни“, изјави Бесими.

Планот на реформи потребни за приближување кон Унијата не може да стане оперативен и покрај разговорите на високо ниво со Европската унија, бидејќи поради бојкотот на опозицијата не може да функционира Советот за евроинтеграции, чиј претседател вообичаено е од редовите на пратениците од опозицијата, објасни Бесими, додавајќи дека најдобро решение е паралелно одвивање на разговорите со Грција за разликата околу името и преговорите со Европската Унија. 

Статусот кво во разговорите за разликата со името е неодржлив и поради тоа е потребно меѓународната заедница поактивно да се вклучи во неговото разрешување, ова го изјави вицепремиерот Бесими во Вашингтон.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ