Авионски карамбол во Tајван
Авион на Транс Азија Ервејс со крилото поткачи такси и мост и се урна во река. Во леталото имало 58 патници и членови на екипажот. Бројот на загинатите се уште не се знае...

„Мејдеј, мејдеј“ – биле последните зборови на пилотот на Транс Азија Ервејс пред ударот во мостот. Видео снимено од камера во автомобил ја регистрирало несреќата – не можел да го крене едното крило, се шпекулира дека имал проблем со моторот.
Прво удира во такси, па ја поткачува оградата и паѓа во реката со 58 патници и членови на екипажот. Бројот на загинатите се уште не се знае. Во тек се напорите за извлекување на луѓето. Авионот е накосен и речиси целосно потопен. Спасувачите тешко успеваат да дојдат до заробените патници.
„Прво мораме да поставиме пловечки мост, а потоа да работиме над водата и да помогнеме во спасувачките напори, да се координираме со спасувачките чамци и сплавови“, изјави мајор генерал Чиен Ши-веи, командант на војската.
Екипите што работат на извлекувањето го пресекле трупот на авионот. Ги извлекуваат заробените со јажиња, и со чамци ги пренесуваат спасените на брегот. Се очекува наскоро да ја добијат неопходната механизација. Повеќето патници се кинески туристи на домашниот лет од Тајпеј до островите Кинмен. Потресени се возачите кои се нашле на мостот и за влакно избегнале судир. Еден од нив раскажува дека уште се тресе од страв по блиската средба со авионот.
Ивана Салтировска
