Поплави: Ситуацијата во Новаци е алармантна, ќе се пресече регионалниот пат до РЕК Битола
Опасност- најголемиот производител на електрична енергија во државава, да остане отсечен. Механизацијата и надлежните се на терен...

Алармантна е ситуацијата во битолско Новаци. Надојдената Црна река се заканува да го урне мостот до РЕК Битола. Опасност, најголемиот производител на електрична енергија во државава, да остане отсечен. Механизацијата и надлежните се на терен.
На денешниот состанок на регионалниот кризен штаб во координација со првиот човек на републичкиот кризен штаб, министерот Миле Јанакиески беше донесена нова одлука, соопштуваат од општина Битола.
„Ќе се пресечи патот кој води од Битола за РЕК за да може да се испушта притисокот на водата која што напаѓа на тој дел од регионот. На тој начин, водата ќе се пренасочува дури на другиот крај од Пелагонија. Будно ја следиме ситуацијата и кај селата Карамани Трн, како и од другата страна кај селата Егри, Оптичари и останатите“, изјави градоначалникот на Битола, Владимир Талески.
Активностите кои што беа договорени на вчерашниот состанок успешно се завршени, односно затворено е коритото на реката Драгор кон Карамани, подигнато е нивото кај Радобор кое исто така е критично место. Сите екипи се мобилни на терен и на тој начин се придонесува се она што зависи од човечкиот фактор да биде реализирано.
Според претпоставките, следните неколку денови може да се очекува удар и во неколку села во општина Битола. Со оглед на временските услови се очекува поголеми количини на вода да се слеат во Пелагонискиот регион.
