Ципрас оптимист дека ќе најде решение за грчката иднина
По средбите со европските челници, грчкиот премиер Ципрас е оптимист дека ќе се најде заемно прифатливо решение и компромис за грчката иднина. На првиот човек на Европската централна банка му посочил, програмата за спас предизвика дефлациона криза во земјата...

Главна тема на денешната прва средба грчкиот премиер Алексис Ципрас со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер е најавата на Атина дека ќе ги прекине преговорите со европската „тројка“ која ја сочинуваат претставници на ЕК, Европската централна банка и ММФ.
Иако денешниот настан предизвика големо медиумско внимание, отстапувајќи од вообичаената пракса, ниту Ципрас ниту пак Јункер не дадоа изјави по завршувањето на средбата.
Нешто подоцна за грчките медиуми тој изјави дека Грција сеуште нема договор, но и дека се движат во вистинска насока.
„Треба да работиме на тоа да најдеме заедничко прифатливо решение“, изјавил Ципрас.
Иако сеуште е неофицијално, но во бриселските кулоари се говори дека Ципрас веќе добил уверување дека т.н. „тројка“ кредитори ќе биде заменета со друга демократска легитимна институција која ќе следи како се применуваат мерките за стабилизирање на грчката економија.
Инаку попладнево грчкиот премиер Ципрас се сретна и со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
Во засилена европска дипломатска офанзива за промена на условите на кредиторите е и грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис, кој вчера во Берлин оствари средба со првиот човек на Европската центарлна банка, Марио Драги и побара пролонгирање на рокот за почеток на реформите до 1-ви јуни.
Додека пак неодамнешната посета на грчкиот министер за одбрана Панос Каменос во Москава, бриселските аналитичари ја толкуваат како обид за притисок врз европските лидери, особено сега, во време на засилени санкции кон Русија.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
