МЗТ преку Кожув, Работнички на Куманово
По 15 години организатор ќе биде МЗТ Скопје, за којшто однапред се знаеше дека нема да може да се судри со Работнички уште во полуфиналето...

Шампионот МЗТ Скопје Аеродром против Кожув, а најтрофејниот Работнички против Куманово. Со полудиригирана ждрепка денеска беше исцртан таквиот полуфинален лик на завршниот турнир на кошаркарскиот Куп на Македонија, којшто ќе се одржи на 21-ви и на 22-ри овој месец во салата „Јане Сандански“ во Скопје.
По 15 години организатор ќе биде МЗТ Скопје, за којшто однапред се знаеше дека нема да може да се судри со Работнички уште во полуфиналето, поради тоа што двата тима беа на челните места на табелата по првиот круг од годинашниот шампионат. Уште во полуфиналето МЗТ Скопје ќе има шанса да му се реваншира на Кожув за првенствениот пораз во Гевгелија, а Работнички да му се одмазди на Куманово за минатогодишната елиминација уште во четвртфиналето на турнирот во Охрид којшто се играше со осум екипи.
Завршницата од годинашниот кошаркарски куп ќе ја следите на програмите на Македонската Телевизија.
