Велешани ја оценуваат работата на општинската администрација
До 10-ти февруари велешани одговарајќи на прашањата од анкетниот лист можат да го искажат своето милење околу работата на општинската администрација. Општина Велес засега е една од ретките во државата која на овој начин доаѓа до одговор на прашањето колку граѓаните се задоволни од работата на администрацијата...

158 велешани за само 24 часа преку интернет го пополниле анкетниот лист кој го постави општина Велес. Целта е локалната власт да добие информација за тоа колку граѓаните се задоволни од работата на општинската администрација.
„Тоа се параметри кои се однесуваат на квалитетот на администрацијата и секако имаме прашања кои се однесуваат на сите области од надлежност на општината како што е комуналната инфраструктура, урбанизмот, локалниот економски развој, културата, образованието и сето она што значи работа на општината“, вели Јадранка Стефкова, општина Велес.
Во рамни на системот за управување со квалитет кој е базиран на меѓународниот стандард ИСО 9001 /2008 општината веќе седма година преку вакви анкети се обидува да дознае кои и се слаби, а кој јаки страни.
„Самата анализа на резултатите, ги користиме да анализираме што е најголем проблем со кој се соочуваат граѓаните, кои се нивните потреби, какви се нивните барања во однос на квалитетот на нашите услуги и сето тоа го користиме се разбира за континуирано подобрување на услугите“, рече Стефкова.
Анкетните листови покрај на општинската веб страна и официјалната Фејсбук станица може да се најдат и во граѓанскиот сервис. И МРТ ги праша велешани како ја оценуваат работата на општинската администрација.
„Тројка...Зошто...Има многу работи кои не се решени.“
„Четири плус, секогаш може да биде подобро.“
„За мене тројка, се менуваат некој работи се менуваат некој се позитивни во однос како што биле, уште повеќе треба да се сменат работите за да биде подобро за сите нас“, велат случајно анкетираните велешани.
Сублимираните резултати од минатата година покажале оценка од 3,5. Општинарите очекуваат дека годинава ќе успеат да ја достигнат стандардната оценка која ја имаат општините од ЕУ, а тоа е четворка.
Дијана Иванова
