Домашните компании го билдаат извозот

05.02.2015 12:11

Претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, вели дека постои континуиран тренд на раст на извозот, како на стоките произведени од домашните капацитети, така и на услугите од македонските компании...

Извозот континуирано расте последниве 14 месеци, при што кумулативниот раст за минатата година изнесува 17 отсто. Ако за 30 отсто од овој резултат се заслужни странските инвестиции во земјава, за 70 отсто од него се заслужни домашните компании. Претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, вели дека постои континуиран тренд на раст на извозот, како на стоките произведени од домашните капацитети, така и на услугите од македонските компании.
 
„Зголемувањето на извозот на домашните компании во голем процент се темели не само на извоз на стоки од домашните производни капацитети, туку и на услуги. Македонските компании за квалитетот кој го нудат се конкурентни на пазарите во Америка, Европа а во поново време се пробиваат и во Азија и тоа првенствено компаниите од градежниот и ИТ секторот. Странски инвестиции ја подобруваат надворешно трговската позиција на Македонија и влијаат на зголемување на извозот, но домашните компании треба да продолжат да бидат носители на поголемиот дел од извозот и понатаму да го зголемуваат. За ова е потребно поинтензивен премин кон стратегија базирана на иновации и фокус кон производи и услуги со поголема додадена вредност. Носители на оваа стратегија ќе бидат малите, продуктивни и флексибилни индустриски капацитети, земјоделскиот сектор како и секторот туризам“, изјави Арсовска.
 
Сојузот на стопански комори во моментов во Јапонија се во потрага на нови пазари за пласирање на македонските производи, заедно со Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот. Постои реален потенцијал за соработка со јапонските стопанственици, вели Арсовска, и тоа не само во полето на трговската размена туку и преку пренесување know-how за производствените процеси.