Кошарка НБА

Девет коша за Антиќ против Вашингтон

05.02.2015 14:03

Антиќ учествуваше со три погодени шута од пет обиди од поле и две реализирани од четири слободни фрлања...

Поразот од Њу Орлеанс, Атланта на Перо Антиќ го поправи експресно со триумф над Вашингтон во дуелот на првиот и на третиот тим на истокот. Македонскиот кошаркарски интернационалец постигна девет поени.

Во 41-та победа на 50-от сезонски натпревар во НБА лигата, Антиќ учествуваше со три погодени шута од пет обиди од поле и две реализирани од четири слободни фрлања. Нашиот поранешен репрезентативец имаше и шест скока и една асистенција. Џеф Тиг даде 26, а Ал Хорфорд 21 поен со 13 скока за сигурни 105-96 за Атланта во соочувањето со Вашингтон. Торонто е втор на истокот, а поразот од Бруклин во својата сала со 109-93 му оневозможи да му се доближи на составот од главниот град. Победата на Бруклин, пак, е значајна во битката за позициите што обезбедуваат разигрување, иако има уште многу од основниот дел од сезоната.

Бруклин е деветти, но се повеќе го засилува притисокот кон Мајами, кој ноќеска го претрпе вториот пораз по ред, сега на гостувањето кај Минесота со 102-101. На плеј-оф се надева и Детроит, а во тој правец не му помага загубениот натпревар  на паркетот на Индијана со 114-109. На западот на врвот е Голден Стејт кој се радуваше над Далас пред своја публика со 128-114, а втор е Мемфис кој победничката низа ја продолжи кај Јута со 100-90. Во трката за место во разигрувањето, Оклахома забележа голема победа во салата на Њу Орлеанс со 102-91. На другите мечеви: Бостон – Денвер 104-100, Хјустон – Чикаго 101-90, Сан Антонио – Орландо 110-103, Милвоки – Лејкерс 113-105 по продолжување.