Поплави: Утре нов предизвик за Новаци

05.02.2015 14:58

Новаци е спасено од поплава. Денеска се расчистуваат дворовите во најзагрозените куќи како резултат на оштетената одводна канализација. При посетата на Новаци министерот Јанакиески им порачна од утре да бидат мобилни, затоа што доаѓа нов влажен бран...

Новаци се спаси од поголема катастрофа. Прсекувањето на патот се покажа како исправен потег. Најпогодена е куќата на семејството Мицевски. Откако водата навлезе во нивниот дом тие беа евакуирани и престојуваат во општинската зграда.

„Реагиравме навреме но водата беше толку голема што повеќе неможеше ништо да се прави, мојата, нашата куќа е целосно уништена,  со тага вели Станко Мицевски.

Од налетот на големите количини на вода попушти и одводната канализација на десетина куќи на самиот влез од селото. Денека се испумпуваше водата од дворовите за да се спречи фекалиите да не навлезат во домовите.

„Од вчера после ручек нон стоп испумпуваме, но тешко се намалува нивото на вода, таа постојано излегува“, вели новачанецот Славчо Марковски.

„Водата е на ниво на прагот. Се справуваме со одводни пумпи и она што е внатре со џогери“, додава Пецо Шурбевски.

„Правиме се што можеме, ако нема повеќе вода добро ќе биде, но се зависи од времето“, вели една домаќинка од Новаци.

Нивото на водата е опаднато за околу половина метар, но сеуште во плодните полиња водата е со длабочина од над три метри. Министерот Јанакиески ја поздрави одличната организираност на општината потнцирајки дека и понатаму треба да се биде во мобилност. Утре попладнето доаѓа нов влажен бран.

„Оваа прилика ја користам да кажам дека кризните штабови треба да останат мобилни и да ја продолжат постојаната комуникација со цетралниот кризен штаб затоа што од утре се најавуваат нови врнежи кои ќе достигнат и до 39 литри на метар квадратен“, рече министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Иако нивото на водата опаѓа, нема опуштање, мора да се одговори на предизвикот што го носи следниот влажен бран.

Повозрасните новачани велат дека овие случувања со мислите ги вратиле половина век наназад кога во 1962 година нивната општина беше зафатена од сличен обем на поплави, а и тогаш на неколку места се сечеше патот и се преземаа слични заштитни мерки. Дали исти ќе бидат и штетите, ќе се знае подоцна.

 

Стевче Митревски