Започна манифестацијата „Прличеви беседи“ во Охрид
Во Охрид започна манифестацијата „Прличеви беседи“ посветена на еден од наистакнатите дејци и преродбеници од деветнаесеттиот век, ловороносецот Григор Прличев. На пригодна свеченост за поемата „Амбар“ на авторот Славе Банар му беше врачена наградата за најдобра поема за 2014-та година...

И по 122 години од смртта на големиот поет Григор Прличев македонските поети се воодушевуваат на неговиот величествен лик и неповторливите дела. И годинешниот лауреат, Славе Банар, кој е првиот охриѓанец кој ја добива наградата за најдобра поема вели дека живеел под закрилата на Прличев. Тој се чуствува повластено и благословено што успеал да ја продолжи жестоката традиција воспоставена од ловороносецот.
„И навистина, не само што ми беше среќен моментот на добивањето на наградата, туку најсеќен ми беше моментот што успеав по малку да се приберам до сиот оној поетски здив, кој што Прличев му го пренесе на Охрид, на езерото и кој овозможи да опстојуваме како народ“, изјави Славе Банар, добитник на наградата за најдобра поема во 2014-та година.
Поемата „Амбар“ има многу впечатливи поетски слики и се обидува помеѓу класичното и модерното да прозвучи ангажирано во однос на актуелниот миг.
„Насловната метафора на Амбарот се појавува како еден чадор под кој многу поетски слики се подведени и стои како сигнатура или знак на се она што значи стопанисување со земјата и светоста- визави отуѓеноста на власта“, изјави Наташа Аврамоска, претседател на комисијата за доделување на наградата.
Прличевите беседи продолжуваат утре со панихида на гробот на поетот, традиционалната охридска визита и други активности.
Сашо Нелоски
