Домашните компании го билдаат извозот!
Ако за 30 отсто од растот на извозот се „виновни“ странските инвестиции во земјава, за 70 отсто од него се „заслужни“ напорите на домашните компании...

Домашните компании продолжуваат да го креваат извозот, кој перманентно расте последниве 14 месеци. Само лани експортот пораснал за 15,6% и достигнал скоро 4 милијарди 934 милиони долари. Ако за 30 отсто од овој раст се „виновни“ странските инвестиции во земјава, за 70 отсто од него се „заслужни“ напорите на домашните компании.
Претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, која е во Јапонија, вели дека постои континуиран тренд на раст на извозот, не само на стоки произведени во домашните фабрики, туку и услуги од македонски компании.
„Зголемувањето на извозот на домашните компании во голем процент се темели не само на извоз на стоки од домашните производни капацитети, туку и на услуги. Македонските компании за квалитетот кој го нудат се конкурентни на пазарите во Америка, Европа, а во поново време се пробиваат и во Азија и тоа првенствено компаниите од градежниот и ИТ секторот“, вели Арсовска.
Во нашиот извоз доминираат: катализатори, фероникел, сетови за проводници за палење,валани производи и облека. На увозната страна која надмина 7 милијарди 276 милиони долари, доминираат нафтените деривати, платината и нејзините легури, електричната енергија.
Јапонија е на листата на земји на Сојузот на стопански комори, со потенцијал за зголемување на нашиот извоз, а нема ниту јазични бариери.
„Најмногу го темелиме на домашните компании, особено металургијата и индустриското производство. Конкретно во Јапонија нема јазични бариери. Поради влијанието од САД и од Европа можеме да најдеме разбирање бидејќи се користат истите јазици во бизнис комуникација“, нагласува Арсовска.
Според Арсовска инвестициите во зоните го подобруваат извозот, но домашните компании треба да останат и натаму носители на најголем дел од експортот. Затоа е потребен поинтензивен премин кон стратегија базирана на иновации, а фокусот се повеќе да биде насочен кон производи и услуги со поголема додадена вредност.
Носители на овој тренд, ќе бидат малите, продуктивни и флексибилни индустриски капацитети, земјоделскиот сектор и туризмот.
Свето Николовски
