Уште два дена од огласот за Државен секретар за транспорт и врски
Заинтересираните може да се пријават со пополнување на апликацијата достапна на веб страницата на Владата или со поднесување лична биографија и мотивациско писмо...

За два дена истекува огласот за Државен секретар за транспорт и врски. Владата преку јавен повик бара кандидат кој со своите способности и квалитети ќе придонесе во реализацијата на програмата на Министерството.
Заинтересираните може да се пријават со пополнување на апликацијата достапна на веб страницата на Владата или со поднесување лична биографија и мотивациско писмо. Приоритет имаат кандидатите со високо образование, со 5 години работно искуство и со познавање странски јазик.
„Сите кандидати имаат еднакви шанси да бидат избрани за оваа одговорна позиција. Единствениот параметар кој ќе биде вреднуван се знаењата и вештините на кандидатите. Целта не е масовноста, туку избор на кандидат кој поседува способности и квалитети со кои ќе придонесе во реализацијата на една обемна програма и голем број на проекти кои се во рамките на министерството“, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Досегашниот државен секретар во Министерството за транспорт и врски Владо Мисајловски е именуван за нов директор на Јавното претпријатие за државни патишта. Доаѓа на местото на досегашниот директор на претпријатието Љупчо Георгиевски на кого му истече мандатот.
Владата во изминатиот период реализираше поголем број јавни повици за ангажман на раководни позиции. Со ваков начин на селекција беа избрани и именувани поголем број државни функционери, амбасадори, конзули, економски промотори и други носители на позиции во државната управа.
Сунчица Николоска
