Случај „Пуч“

Експерти: СДСМ нема капацитет да ја урне власта

05.02.2015 17:18

Аналитичари се сомневаат дека СДСМ може да ја урне власта со последните настани поврзани со случајот „Пуч“...

„Опозицијата во моментов нема капацитет да ја урне власта“ велат аналитичари за рзвојот на настаните поврзани со случајот „Пуч“. Сашо Клековски се сомнева во капацитетот на СДСМ.

Jавноста во Македонија не може да се увери дека СДСМ има капацитет за пуч. Бидејќи треба да бидете убедени дека некој има капацитет да ја сруши власта. Ова можеби е обид за нешто такво, ама не целосен, бидејќи мислам дека СДСМ во овој момент нема капацитет да го изврши тоа. Можеби има намера, но нема капацитет да го изврши тоа“, објаснува аналитичарот Клековски.

Според Петар Арсовски легитимно е премиерот да ја пријави заканата од Зоран Заев в полиција, а потоа логично е да се применат истражни мерки за заштита.

„Не е нелегитимно доколку премиерот ја пријавил таканаречената закана од страна на Заев во полиција, во МВР, да се применат посебни истражни мерки кои би го снимале текот на разговорот, би го заштитиле премиерот од таква закана и така натаму или би прибавиле доказен материјал за евентуално понатамошна кривична постапка“, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Арсовски вели дека материјалите повеќе не ги поседува Заев, туку Груевски така што сега тој ја води играта. Смета дека со последниот маневар, премиерот има придобивки, а на лидерот на СДСМ му е оставена муницијата која сега е бадијала.

Мислам дека со последниот потег на Груевски тој има неколку сериозни придобивки од целата ситуација, кои му следат од тој маневар. Претходно, ситуацијата беше во една динамика во која сепак Заев ја водеше играта , сите зборувавме за тоа која е бомбата, која е содржината на бомбата, дали  ќе се објави денес, дали ќе се објави утре. Сега, материјалите не се веќе во посед на Заев, туку во посед на премиерот и тој веќе ја диктира играта“, нагласува Арсовски.

Долгогодишниот ПР стратег на СДСМ поентира сликовито дека се работи за класична последица откако на некој ќе му најавите дека тргнува со тенк да ви ја урне касарната и вие ќе го оставите четири месеци да се подготвува за тоа уривање.

 

Наташа Гркова- Петрушевска