Злато за Рајхелт
На патеката „птици грабливки“ во Бивер Крик, Австриецот, кој во Гармиш пред четири години беше сребрен, денеска имаше побрзо возење од второпласираниот Дастин Кук за 11 стотинки...

Ханес Рајхелт го освои златниот медал во супервелеслаломската трка од Светското првенство во алпско скијање. На патеката „птици грабливки“ во Бивер Крик, Австриецот, кој во Гармиш пред четири години беше сребрен, денеска имаше побрзо возење од второпласираниот Дастин Кук за 11 стотинки. Анонимниот Канаѓанец го изненади скијачкиот свет! Бронзениот Французин Адриен Тео заостана за 24 стоти делови од секундата.
Од годинашните четири супер-џи трки во светскиот куп Рајхелт победи на една, интересно исто така на патеката во Бивер Крик, а во Вал Гардена беше трет. 34-годишниот ветеран е специјалист за оваа дисциплина во којашто има пет победи во светскиот куп и вкупно 14 подиуми. Во 2008-ма Рајхелт го освои и малиот кристален глобус. Пред неговиот налет денеска не издржа и олимпискиот шампион од Сочи Кјетил Јансруд. Водечкиот во светскиот куп во супервелеслалом извозе само за четвртото место.
