Фудбалскиот свет остана без првиот тренер којшто ги освои сите три европски купови

Почина Удо Латек

06.02.2015 12:10

Германецот беше првиот фудбалски тренер којшто ги освои сите три големи трофеи во европскиот клупски фудбал (Купот на шампионите, УЕФА Купот и Купот на победниците на куповите)...

По долго боледување од Паркинсонова болест, почина Удо Латек, еден од најуспешните тренери во историјата на фудбалот. Имаше 80 години.

Германецот беше првиот фудбалски тренер којшто ги освои сите три големи трофеи во европскиот клупски фудбал (Купот на шампионите, УЕФА Купот и Купот на победниците на куповите). Подоцна неговиот подвиг го повтори и Италијанецот Џоџани Трапатони, но Латек е единствениот којшто го направи тоа со три различни клубови.

Беше европски првак како предводник од клупата на Баерн во 1974, УЕФА Купот го освои како тренер на Борусија Менхенгладбах во 1979, додека пехарот во КПК го крена со Барселона во 1982.

Покрај трофеите во европските купови, Латек е рекордер и со осум шампионски титули во Германија. Шестпати ја покоруваше бундеслигашката елита со Баерн, а двапати и како тренер на Борусија Менхенгладбах. Со Баерн освои и три германски купа, додека како тренер на Барселона има одликувања во Кралскиот куп и во Лига купот во Шпанија.

Во кариерата беше и тренер на Келн, на Шалке 04 и на Борусија Дортмунд, а потоа стручен коментатор на популарното фудбалско шоу во Германија „Doppelpass“.