Алпско скијање

Женскиот спуст, нов скијачки бисер

06.02.2015 12:14

Денеска следи, нов натпреварувачки шлагер: женскиот спуст! Најголемиот можен предизвик за елитата специјализирана за брзините од кои запира здивот...

Заокружена е првата од петте епизоди, кои ја сочинуваат големата светска скијачка претстава во Бивер Крик. Заврши „супер-џи“ пресметката исполнета со натпреварувачка драматика и излив на различни емоции. Австрија со двете злата на градите на Ана Фенингер и Ханес Рајхелт на сите звона го слави  стартот од сништата.Американците по првите две трки се тивки, со тагата дека засега остануваат само во доменот на желби и без својата скијачка икона, Боди Милер! Вчерашното несреќно негово излетување од патеката при брзина, која го водеше до еден од медалите, беше со последици. Со длабока исекотина на надколеницата и со неопходен оперативен зафат. За 37-годишниот скијачки великан, Бивер Крик е завршена приказна.

Денеска следи, нов натпреварувачки шлагер: женскиот спуст! Најголемиот можен предизвик за елитата специјализирана за брзините од кои запира здивот. 39 имиња ја сочинуваат листата на желбите.На исклучително исцрпувачка и селективна патека, долга повеќе од 2 и пол километри,на неколку од нив во мислите им е златниот сјај.Не е премногу широк опсегот на можни победнички.Линдзи Вон одново е крената на пиедесталот на фаворит број еден. Во свежо сеќавање се нејзините последни супериорни трки во Светскиот куп и сето тоа ја држи еуфоричноста кај Американците.Словенката Тина Мазе ќе се обиде да ги обедини олимписката и светската спуст титула.По двете први места, победничкиот апетит на Австрија само е зголемен: Ана Фенингер и Елизабет Гергл се адутите за три злата од три трки.Швајцарија бескрајно долго мечтае за победа во женскиот спуст, уште од далечната 1989 година на Марија Вализер, токму на истата оваа патека во Веил.Може ли Лара Гут да биде новата швајцарска хероина?Италија од сенка,во одлично подготвената Елена Фанкини ја гледа можноста за подвиг.Французинката Мерион Ролан, неочекуваната светска првенка од пред две години во Шладминг, ја нема да ја брани титулата, но сеќавањето на неа само потсетува дека многу често на големите скијачки натпреварувања, прогнозите останувале само на хартија.