Притисоците и незадоволството поради шестото место на СП во Катар беа преголеми
Голужа веќе не е селектор на Хрватска
06.02.2015 12:20
Славко Голужа поднесе оставка од селекторската функција во ракометната репрезентација на Хрватска...

Соочен со незадоволството на хрватската спортска јавност, Славко Голужа поднесе оставка од селекторската функција во ракометната репрезентација на Хрватска. Шестото место на неодамнешното СП во Катар не ги оправда очекувањата и не ги задоволи амбициите на нацијата којашто беше навикната „коцкестите“ постојано да бидат во игра за медали.
„По пет години решив да поднесам оставка од селекторското место. Одлуката ја донесов по темелно размислување за настаните на и околу СП во Катар и по разговорите со раководството на хрватскиот ракометен сојуз. Функцијата ја исвршував посветено, професионално и совесно и ги исполнив целите коишто заеднички ги поставивме со сојузот, а тоа е пласман во квалификациите за Олимписките игри во Рио 2016. Сепак, очигледно не ги оправдав очекувањата на хрватската јавност и со оставката сакам да го намалам притисокот којшто се врши врз сојузот, врз моите и нашите играчи, а најмногу врз моето семејство коешто сево ова тешко го преживува“, порача Голужа во оставката, најавувајќи дека и понатаму ќе остане во органите на хрватскиот ракометен сојуз, ќе му помага на ракометот и во иднина ќе биде дел од него.
Ваквиот расплет се најавуваше веќе неколку дена. Медиумите лицитираат со можните наследници на Голужа, а во преден план и главен фаворит за нов селектор е Звонимир Сердарушиќ. Популарниот „Нока“ се очекува да ја преземе репрезентацијата заедно со Петар Метличиќ, којшто би бил негов помошник.
