Акција за помош на поплавените подрачја: Досега донирани три милиони денари

06.02.2015 14:39

400-тини семејства од поплавените подрачја добија хуманитарна помош, што почна да стигнува и од земјите од регионот. На сметката на фондот за солидарност се собрани 150.000 денари...

Речиси три милиони денари донирале граѓаните преку мобилните оператори, донација за загрозените во поплавените подрачја. Пакети со храна, средства за лична хигиена и за дезинфекција. 400-тини семејства од поплавените подрачја добија хуманитарна помош, што почна да стигнува и од земјите од регионот. На сметката на фондот за солидарност се собрани 150.000 денари.

И јавните личности се вклучуваат во акцијата за помош на поплавените.

„Добра музика, добра забава и хуманост. Музички ѕвезди се Тамара Тодевска, Некст Тајм, Наум Петрески и Каролина Гочева“, изјави Бојан Јовановски.

Хуманитарниот концерт ќе се одржи на 15-ти февруари во Универзалната сала, а парите од билетите со симболична цена од 250 денари ќе бидат наменети за потребите на жителите чиишто домови беа поплавени.

Јавните личности повикуваат - во акцијата да се вклучат и поголемите компании од државава.

И учениците ја покажаа хуманоста на дело. Од општинското основно училиште „Александар Македонски“ од Аеродром испратија пакети со чиста вода и средства за хигиена.

„Иницијативата беше пред се на родителите кои ја дадоа идејата. Ние ја поддржавме. Се влкучија и учениците и родителите и најблиското население. Акцијата трае веќе два дена“, изјави Слаѓана Настовска, директор на училиштето.

Помош се очекува да пристигне и од националните друштва на Црвениот крст од земјите во регионот, а парични средства на сметка на фондот најавија и македонците од Босна и Херцеговина, Србија, Словенија и Црна Гора.

 

Александра Перевска