Несреќа во Богданци: Ќе се врши ДНК анализа на телата на починатите

06.02.2015 15:06

Ќе се врши ДНК анализа на телата на починатите лица, нареди обвинителството, по вчерашната несреќа во фабриката „Балкан гас“. Три лица го загубија животот, а двајца се повредени, од кои едниот со 30 насто изгореници...

Основното јавно обвинителство Гевгелија издаде наредба за ДНК анализа за да се утврди идентитетот на починатите во вчерашната експлозија во фабриката за полнење плински боци во близина на Богданци.

Екипите на судска медицина вчера ја завршиле обдукцијата, а за три до седум дена треба да го утврдат идентитетот на починатите. Од полицијата соопштуваат дека во несреќата животот го изгубиле 59-годишниот Васко Д., 42-годишниот Васко Д. и две години помладиот Благој Д., сите од Ѓавото.

„Млади луѓе, немам што да кажам... Братучед прв на жена ми, позитивна личност“, велат жители на на Ѓавато.

Од обвинителството соопштуваат дека во несреќата повредени се две лица, а причинета е голема материјална штета. Едниот повреден, 40 годишниот В.М со изгореници од прв, втор и трет степен по целото тело е на лекување во градската општа болница „Свети Наум Охридски“ во Скопје, а оттаму информираат дека состојбата му е непроменета и треба да поминат 48 часа за да се види реакцијата на дишните органи.

Инаку, од увидот на обвинителот констатирано е дека починатите се наоѓале во просторијата каде што се полнеле плинските боци. Двајцата повредени пак биле во делот каде што се подготвувале боците за полнење.

Управителите на фирмата на обвинителката и посочиле дека во моментот на експлозијата имале 1.000 пакети со боци подготвени за извоз. А во дворното место пак, се наоѓале две цистерни полни со пропан- бутан и една празна.

Увидните екипи разговарале и со очевидец кој само им потврдил дека пожарот почнал од просторијата каде што се полнеле боците. Обвинителот побарал правење скица од местото, фотографирање, видео снимка, а хардискот со снимките од безбедносните камери се испратени на вештачење во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР.

По проверката на целокупната документација за заштита и безбедност при работа, исправноста на машините и почитувањето на работните прописи, како и од извештаите на надлежните, обвинителството ќе одлучи за понатамошен тек на постапката.

 

Катерина Давчева