Средба Бајден- Туск во Брисел: Притисокот кон Русија ќе продолжи

06.02.2015 16:05

Освен за Русија се разговарало и за заедничката борба против глобалниот тероризам. Европската унија издвои дополнителни една милијарда евра за борба против Исламистичката држава...

Зајакнување на безбедноста, финансиска помош за Украина, зголемување на притисокот преку санкции врз Русија, беа темите на денешните средби  на американскиот заменик- претседател Џо Бајден со првите луѓе на највисоките европски институции, Доналд Туск, Жан Клод Јункер и Мартин Шулц.

„Нашите напoри и притисоци кон Русија ќе продолжат колку ќе биде потребно. Не можеме да дозволиме никаква форма на агресија. Европската унија останува целосно посветена на поддршката на украинците, помагајќи им да ја обноват државата со цел да станат модерна просперитетна и демократска држава“, вели Доналд Туск, претседател на Европскиот совет.

„Ова е моментот кога Европа и САД мора да застанат заедно и да не дозволат да се прецртува мапата на Европа, бидејќи тие токму тоа го прават“, истакна Џо Бајден.

Бидејќи не беа предвидени прашања, останува нејасно што конкретно беше денеска договорено меѓу европскиот естаблишмент и американскиот заменик претседател.

Освен за Русија се разговарало и за заедничката борба против глобалниот тероризам. Европската унија издвои дополнителни една милијарда евра за борба против Исламистичката држава.

Во делот на економијата, Бајден и Туск го опсервирале и прашањето на економска стабилизација на Грција.

На денешните средби се разговарше и за договорот за слободна трговија меѓу Европа и Америка. Тука нема голема согласност меѓу Вашингтон и Брисел, трговскиот договор го турка Лондон, а Берлин е за поголема трговска слобода на Унијата. 

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ