Штетите од поплавите ќе бидат огромни!
Причинета голема материјална штета, значитечно намалено земјоделско производство, погоден терен за ширење заразни болести. Последиците од поплавите ќе бидат огромни – покажуваат првичните проценки. Ќе биде потребна интервенција од државната каса за помош на општините...

Пелагонија, житницата којашто ја прехранува Македонија е под вода. Поплавени се илјадници хектари обработливо земјоделско земјиште, а проблематични ќе бидат и пролетните посеви.
„Според моите информации од 5 до 7 илјади хектари веќе се поплавени. Ова е првиот проблем. Вториот проблем е што на овие површини не може ништо да се стори за време на пролетната сеидба“, изјави Дане Бошев, професор по земјоделски науки.
Домашното производство на пченица ќе потфрли. Дополнителен проблем е што и Србија е зафатена од поплави, земјата од каде што ја покриваме разликата меѓу понудата и побарувачката. Според професорот Бошев, ќе биде потребна државна интервенција од стоковите резерви за да се ублажи ценовниот удар. Колкава ќе биде потребата од увоз се уште не се знае.
„Сметам дека од посеаните површини ќе има дефицит на пченица меѓу 15 и 25 илјади тони, но ако продолжи ваквата неповолна ситуација можно е да имаме и поголем дефицит“, додава Бошев.
Освен директните штети, на удар ќе биде и здравјето на луѓето од поплавените региони.
„Ние очекуваме зголемување на бројот на заразни заболувања и тоа на оние заболувања што се пренесуваат преку вода. Тие може да бидат акутни, како црвените заразни заболувања, кои може да се појават во овој период, но заразни заболувања како жолтица може да се јават во подоцнежниот период“, изјави д-р Јованка Костовска од Министерството за здравство.
Здравствените власти велат дека засега нема пријави за заразни болести, но додаваат дека ситуацијата постојано се следи.
Мартин Пушевски
