Вртоглави суми за македонските икони во светот
Ниту се магионичари ниту илузионисти, но постојано им успева на магичен начин без да ги забележат да си присвојат икони кои се национално богатство
Познавачите велат дека се работи за една или за повеќе групи коишто работат на идентичен начин и загрижувачки е тоа што во повеќето објекти иконите се избирани, а тоа укажува на постоење некоја врска или човек којшто ги знае состојбите и во самата црква и безбедносните состојби, од каде да се влезе, од каде да се излезе, ги избираат иконите по вредност, по иконописец.
„ Аларми се поставени, меѓутоа тоа може да дејствува во населено место, во градски средини, додека во места каде што нема ни петли а не луѓе, мислам дека алармот нема кого да алармира, “ вели владиката Тимотеј.
Изнесувањето на националното богатство е сериозен бизнис со години. Според претседателката на Комисијата за верски заедници Валентина Божиновска, клучниот проблем е во законската регулатива и во нерегулираните односи меѓу институциите, односно меѓу Министерството за култура, Управата за заштита на наследството и имателите на културното наследство.
„ Да се симнат сите оригинални икони, без разлика дали се од XIII се до XIX век. Да се стават, дали во галеријата во Охрид, во галеријата на Музејот на Македонија, и да се знае со безбедносни сертификати кој би можел да ги набљудува, да ги гледа или да ги обработува, да ги конзервира, “ посочи Валентина Божиновска, претседателка на Комисијата за односи меѓу верските заедници.
На црниот пазар македонските артефакти достигнуваат вртоглави суми, а препродавачите откако ќе ги изнесат од земјава, вредните предмети ги нудат на клиенти од западноевропските земји и САД. Неофицијални податоци велат дека иконите завршуваат на западниот пазар во вредност од 5 илјади евра па нагоре. Според Божиновска, промени треба да се направат и во кривичниот законик за да се дефинираат казните.
„ Примерите од соседството зборуваат за нешто сосема различно. Таму правилата се јасни. Оној кој ќе украде икона што е национално богатство-лежи доживотен затвор. “
Според официјалните податоци, од 430 илјади движни предмети кои се дел од културното богатство, околу 22 илјади се икони што се чуваат во црквите и во манастирите, но таа бројка не е конечна затоа што иконите се честа и лесна цел за крадците. Полициите од регионот со заеднички акции се справуваат со овој вид криминал,во последната, во Албанија, беа најдени 20-тина македонски икони.
Катерина Топалова