Успешна средба: Државниот испит се одложува за една година
Договор меѓу Владата, УКИМ, декани и претставниците на Студентскиот и Професорскиот пленум. По успешната средба и двете страни излегоа задоволни од конструктивниот пристап во разговорите предводени од премиерот Никола Груевски...

Примената на законските корекции во високо образование се одложуваат за една година. Пролонгирано е и спроведувањето на државниот испит, а за две години и обврската за професорите да објавуваат научни трудови со импакт фактор.
Договор меѓу Владата, УКИМ, декани и претставниците на Студентскиот и Професорскиот пленум. По успешната средба и двете страни излегоа задоволни од конструктивниот пристап во разговорите предводени од премиерот Никола Груевски.
„Навистина бевме сослушани, бевме разбрани, и истовремено беше прифатен предлогот овие одредби кои се дискутабилни кои бараат и наметнуваат многу прашања да се стават во мирување, односно да имаат одложена примена. Во најбрз можен рок ќе произлезат нови предлози за подобрување на овој закон, односно за нов Закон за високо образование“, изајви ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски.
Владата изразува отвореност и подготвеност низ еден поширок транспарентен и инклузивен процес заедно со релевантните чинители заеднички да се работи на градење на квалитетен систем на високо образование. Во соопштението до јавноста стои дека владата е благодарна за конструктивниот пристап на универзитетите, односно професорите и студентите и за нивниот досегашен и иден придонес во унапредување на стандардите и квалитетот во високото образование.
Ова е голем исчекор што остава простор да бидат разгледани нашите барања и аргументи – задоволни се од Студентскиот пленум.
„Во поглед на барањата на Студентскиот пленум, има согласност за тие барања, со тоа што ние во периодот во кој е одложена примената ќе нудиме постојано аргументи дека треба да бидат укинати одредбите, барем оние за државниот испит“, изјави Константин Битраков.
Работни групи ќе ја продолжат дискусијата за подобрување на пакетот реформски закони , односно носење на нов закон за високо образование.
Викторија Тодоровска
