Меркел и Оланд во Киев: Предлог - план за решение на украинската криза

06.02.2015 17:14

Денеска истиот план ќе и биде понуден и на Москва од страна на францускиот претседател Оланд и германската канцеларка Меркел...

Примирје, разместување на „сини шлемови“ на ОН и преговори за федерализација на земјата – изгледа дека се клучните понуди за мировниот план за Украина понуден вчера во Киев. Денеска истиот план ќе и биде понуден и на Москва од страна на францускиот претседател Оланд и германската канцеларка Меркел.

Западноевропските медиуми и аналитичари сметаат дека главната цел е предупредување  за најавите на Вашингтон за испорака на оружје за Украина како и наоѓање политичко решение притоа почитувајќи го територијалниот интегритет на земјата.

„Поради неодамнешата ескалација на насилствата во последните неколку денови во областите на Доњецк и на Луганск со францускиот претстедател Оланд решивме да сториме се што е во наша моќ да го запреме крвопролевањето што е можно побрзо преку посетите на Киев и на Москва“, изјави Ангела Меркел, канцелар на Германија.

Иако, француско-германскиот план за сега се чува во тајност, некои медиуми тврдат дека се темели на претходниот руско-укрински мировен договор од Минск, но и дека содржи предлог за разместување на трупи на ОН за одржливо примирје, што Киев за сега го одбива.

Рускиот претседател Путин даде до знаење дека Москва е подготвена за конструктивни разговори и нагласи дека Русија на судирот во Украина гледа како на внатрешна граѓанска војна. Оланд и Меркел предупредуваат дека станува збор за „последна шанса“ за пресврт кон политичко решение и за мир, во спротивно се заканува воен судир и нагласија дека се против дополнително вооружување на Киев.

 

Минстрите за одбрана на НАТО вчера во Брисел решија да разместат сили на истокот од Европа, а командантот на воените сили на НАТО во Европа, Филип Бридлав предупреди дека испораката на оружје во Киев би можела да повлече лут одговор од Русија.

 

Марина Автовска