Аграмунт: Неодговорно однесување на опозицијата и Заев

06.02.2015 17:26

Ги осудувам обвинувањата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев и го повикувам да ги преиспита неговите обвинувања кон владата. Политичкото однесување за постигнување нелегитимни цели не е прифатливо во која било форма...

Загриженост во врска со последните настани во земјава, особено во однос на неодговорното однесување на опозицијата, изразува претседателот на Европската народна партија во Советот на Европа, Педро Аграмунт.

„Ги осудувам обвинувањата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев и го повикувам да ги преиспита неговите обвинувања кон владата. Политичкото однесување за постигнување нелегитимни цели не е прифатливо во која било форма или облик на демократија. Неговите закани не се соодветни за да изрази коректна критика кон власта. Само политичките аргументи и политичките програми со поддршка од граѓаните се демократски начини да се добијат изборите во демократските држави“, вели Аграмунт.

Тој ја осудува вмешаноста на странски држави преку нивните тајни служби и нелегалното прислушување на телефонските разговори на највисоките политички претставници на Македонија, за соборување на владата на Република Македонија.

„Не може да постои демократија и почитување на фундаменталните права, без почитување на владеењето на правото и обратно“, вели Аграмунт и заклучува: „Би сакал да ја истакнам важноста на политичкиот дијалог во решавање на конфликтите и да повикам на одговорност на опозицијата во македонската политика за почитување на демократските правила на политичкиот систем.“