Вардар се излеа во Велес, се евакуира население од населбата Шорка
Критично е и во Велес. Изобилните врнежи од дожд повторно предизвикаа зголемување на нивото на Вардар и излевање на реката. Поплавени се и неколку куќи...

Вардар се излеа кај Велес. Поплавени се населбите Шорка и Речани. Водата навлезе во куќите, се евакуираа семејства.
„Слушам бучи, да е ветар не ми се верува, испаднав појдов со фенер оти тука струја немаме и што ќе видам. Хаос, со брегот беше рамен“, изјави Јане Јанев, жител на Велес.
Освен викенд куќите, под вода во Шорка се и индустриски капацитети. Најмногу штета засега има Кланицата.
„Иам десетина луѓе има таму и чекаме што ќе биде ке биде“, изјави Мартин Чукниев, сопственик на Кланица.
Обработливото земјоделско земјиште годинава ќе нема род, велат раноградинарите од Речани.
„Не поплавува секоја година и ни прави по две илјади штета.“
„Минута на минута се качува, до каде оди немаме информнации, незнаеме уште ќе качува или нема“, велат анкетираните земјоделци.
Состојбата засега е под контрола, вели градоначалникот Чадиев.
„Внимателно ја следиме оваа ситуација и сме подготвени да интервенираме за било што во наредниот период“, вели Славчо Чадиев, градоначалник на општина Велес.
Постојаниот порас на водостојот е причина полицијата да го затвори за сообраќај мостот кај Башино Село.
Дијана Иванова
