Американски компании заинтересирани за инвестиции во Макеоднија
Македонија е најдобрата дестинација за инвестиции во Европа, ова економскиот тим на Владата аргументирано им го претстави на 60-тина претставници од видни американски компании во Њујорк...

Американските компании се заинтересирани за вложување во производство во слободните економски зони, но на средбата во престижниот бизнис клуб на економското списание број еден во Америка „Форбс“, покажаа интерес и за други сектори поврзани со финансиите, здравството, компјутерската технологија и производството на енергија од обновливи извори со менаџирање и обработка на отпад.
„Ние го потенциравме она што неколку пати го кажуваме, но веќе со конкретни факти и примери дека Македонија претставува во овој момент најатрактивна дестинација во секторот на производство во Европа, а со промените што ги планираме во законската регулатива и другите механизми за стимулирање на инвестиции, и во секторот на услугите постепено Македонија ќе стане атрактивна за инвестирање“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.
„Македонија има многу што да понуди. Таа е една од најповолните бизнис дестинации со работна сила со ниски трошоци , но со високо обучени способности. Ретко го цитирам Њујорк Тајмс, но морам бидејќи според весникот Македонија е меѓу највисоко рангираните 10 дестинации за инвестиции, а Си-Ен-Ен ја наименува за 4-та најпријателска земја во светот. Македонија го има најбрзо растечкиот информатичко-технолошки пазар во Јадранскиот регион. Македонија има одлично обучена работна сила со вештини и за странски јазици како англиски, француски, германски и други. Политичко-монетарната стабилност предводена од Владата на премиерот г-дин Груевски е обезбедена подолг период“, објаснува Кристофер Форбс, ко-сопственик на консалтинг фирма и економското списание „Форбс“.
Американските бизнисмени охрабрени од зајакнувањето на курсот на доларот во однос на еврото, сметаат дека е добра можност за проширување на бизнисот во Европа.
„Се работи за ситуација денес во Америка кога и американската економија зајакнува, а и американскиот долар особено наспроти еврото. И во нареднава година и пол се очекува еврото да остане слабо, а можеби и уште повеќе да ослабне, што претставува една уникатна и доста добра ситуација за инвестирање на американските компании особено во Македонија, затоа што нашата валута денарот е врзан со еврото. Така што тоа ги прави американските инвестиции во Македонија далеку поисплатливи и нормално им дава можност за освојување на повеќе пазари, не само со пониските трошоци туку и со ситуацијата на поевтина валута“, објаснува министерот Веле Самак.
Претставниците на американските компании сакаа да добијат целосна слика за спроведените реформи во Македонија на економски план, поволностите што се нудат и инфраструктурата во слободните економски зони.
„Ние гледаме континуиран интерес од страна на американските компании за инвестирање во Македонија. Самото присуство на компании како Џонсон Контролс, Накеме електроникс, Навистион, беше еден многу важен фактор за идните американски инвестиции како Амфенон, Кисејвти системс, Капкон, кои одлучија да дојдат во Македонија и да го лоцираат своето производство, бидејќи секогаш постоечките инвеститори се амбасадори за идни можни инвестиции“, вели Виктор Мизо, директор на ТИРЗ.
Се поголем број американски бизнисмени од македонско потекло се заинтересирани за сериозни вложувања во Македонија.
Економскиот тим на македонската Влада пред американските бизнисмени презентираше дека не само што Македонија е најдобра дестинација за инвестирање во Европа, туку има и најдобро обучена работна сила.
Ирина Гелевска, постојан дописник од САД за МРТ
