Легализација: Бесплатни елаборати за 10 до 15 илјади лица
Владата апелира да се искористи можноста за бесплатна изработка на елаборати за легализација на дивоградбите. Таа се однесува за корисниците на социјална и постојана парична помош, како и за лицата со ниски примања до најмногу 168.000 денари годишно, по домаќинство...

Рок за поднесување на изработените елеборати до општините е декември годинава, и затоа е најдобро овие лица да побрзаат и да не го чекаат последниот момент. Од август лани , до Агенцијата за катастар на недвижности се поднесени 1.900 барања, а проценките на институциите се дека се работи за опфат на 10 до 15 илјади лица.
„Сакаме да апелираме до лицата кои примаат социјална помош и постојана парична помош , како и лицата со ниски примања што побрзо да ја искористат оваа можност и што побрзо да ги поднесат своите барања до Агенцијата за катастар на недвижности ,за да може државата бесплатно да им ги изработи елаборатите од страна на геодетските компании и да можат тие што побрзо да ги поднесат елаборатите до општините за да можат да го легализираат својот имот и да можат понатаму од него да остваруваат економски користи“, изјави портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.
Процедурата за поднесување барање е едноставна и бесплатна. Лицата треба да извадат потврда од центрите за социјална работа дека се корисници на таква помош и да ја однесат во Агенцијата за катастар на недвижности.Се пополнува образец со кој се пријавува барањето ,а се запишува и бројот на поднесокот на основната легализација.
Лицата со примања до 168.000 денари годишно на ниво на домаќинство, треба да извадат потврда од Управата за јавни приходи и по истата процедура да ја достават до катастарот.
Свето Николовски
