Нов „Дејтон“ и сини шлемови на ОН за Украина
Мировниот план на Франција и на Германија е „една од последните шанси“ да му се стави крај на конфликтот, рече францускиот претседател Оланд по средбата во Москва со колегите од Русија и од Германија, Путин и Меркел...

Војна или мир – е главниот мотив во разговорите за Украина на маргините на Минхенската мировна конференција. Мировниот план на Франција и на Германија е „една од последните шанси“ да му се стави крај на конфликтот, рече францускиот претседател Оланд по средбата во Москва со колегите од Русија и од Германија, Путин и Меркел.
„Ова е една од последните шанси и затоа ја преземавме оваа иницијатива. Ако не издејствуваме траен мир, свесни сме за сценариото. Тоа има име и се вика војна“, изјави Франсоа Оланд, претседател на Франција.
Оланд најави дека утре ќе има нови разговори по телефон со Путин и со украинскиот претседател Порошенко, кој изрази поддршка и верба во успехот на планот. Деталите од мировната иницијатива не се обелоденети, но западните медиуми пренесуваат за нов Дејтон – преговори за федерализација на Украина и распоредување на сини шлемови на ОН меѓу завојуваните страни.
„Оваа криза не може да се реши воено. Затоа повеќе од кога било ни требаат конкретни чекори за оживување на договорот од Минск“, нагласи Ангела Меркел, канцеларка на Германија.
Меркел, која е еден од главните предлагачи, смета дека решението не смее да биде воено, но и дека е неизвесно дали ќе успее. Од Кремљ најавија дека е можно да се подготви заеднички документ, во кој ќе влезат и предлозите на Путин и на Порошенко и на Путин, а ќе биде објавен утре, по телефонските разговори на лидерите. Москва останува на тврдењето дека се залага за мир, обвинувајќи го Западот за ескалацијата
„Нашите западни партнери не ги води интересот за градење заедничка безбедносна архитектура, туку градат илузии. Го следите сонот да бидете победници во Студената војна“, рече Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Како што рече Лавров, целта на западната политика во изминатите 25 години била САД да доминираат над меѓународните односи во Европа, а тоа резултирало со настаните во Југославија. Разговорите во Минхен продолжуваат со средби на Меркел, Лавров и Порошенко со американскиот државен секретар Кери и потпретседателот Бајден. Според ОН, од големата офанзива на бунтовниците врз Луганск и врз Доњецк во април, во борбите загинале речиси 5.400 луѓе.
Ивана Салтировска
