СЕХА лига

Новиот лик на Металург против Војводина

07.02.2015 15:42

Македонскиот состав се уште има шанса да се пласира во елиминацискиот дел, иако задачата станува се потешка со оглед на играчкиот кадар на којшто може да смета тренерот Лино Червар...

Ако до вчера се надевавме дека Ракометниот клуб „Металург“ може да го задржи сјајот од последните неколку години и да продолжи да биде еден од нашите најпрепознатливи спортски брендови, денеска веќе е јасно дека успешната приказна од Автокоманда станува минато. Соочени со неизвесната иднина, клубот го напуштија ракометарите коишто освојуваа титули на домашната сцена, а оставија печат и во Лигата на шампионите и во СЕХА конкуренцијата. Но Миркуловски, Мојсовски, Манасков, Георгиевски, Димовски, браќата Марковски, Јоновски, Атман, Вугринец, Циндриќ... сега се на нов пат. По него ќе чекори и Ракометниот клуб „Металург“ со нови сили, со млади играчи кои досега беа дел на вториот тим. А тој пат почнува со денешниот натпревар со Војводина во регионалната СЕХА лига.

Македонскиот состав се уште има шанса да се пласира во елиминацискиот дел, иако задачата станува се потешка со оглед на играчкиот кадар на којшто може да смета тренерот Лино Червар. Талески, Маџовски, Неловски... Во „Борис Трајковски“ денеска ќе видиме многу нови имиња кои ја сочинуваат сегашноста на екипата. Металург може да создаде нови ѕвезди, можеби и да ги достигне постигнатите резултати, но за тоа ќе треба многу време.

Металург има четири бода предност пред Нексе во трката за четрвртфинале, Војводина е претпоследна, но ќе биде сериозен тест за квалитетот на новиот играчки кадар на нашиот претставник.

Натпреварот Металург – Војводина ќе оди во пренос на Собранискиот сервис на МРТ, денеска од 17 и 30.