ЖРК Вардар му ја наполни мрежата на Крим со 41 : 30
Со висок процент на реализација ја полнеа противничката мрежа и до средината на полувремето водеа со 12 : 4, како вовед во најефикасното полувреме сезонава кое го добија со 21 : 12...

Во натпреварот од Лигата на шампионите против словенечкиот Крим Меркатор, екипата на ЖРК Вардар конечно одигра како што му доликува на третопласираниот клуб минатата сезона во ракометна Европа. Знаејќи дека натпреварот против Крим е да се биде или не, Вардарки почнаа максимално агресивно во одбраната и фуриозно во нападот, што резултира со најдобрата игра сезонава зачинета со убедлива победа од 41 : 30. Најголем дел од работата нашиот шампион заврши во првите десетина минути, кога поведе со 8 : 1. Со висок процент на реализација ја полнеа противничката мрежа и до средината на полувремето водеа со 12 : 4, како вовед во најефикасното полувреме сезонава кое го добија со 21 : 12. Крилата Дембеле и Радичевиќ комбинирано постигнаа колку цела гостинска екипа, а покрај нив ефикасна со 5 гола беше и Пенезиќ.
Кога на почетокот на вториот дел дојдоа до двоцифрена предност, беше јасно дека вардарки нема да дозволат неизвесен меч. Во продолжение шанса добија и резервистките, кои до половина на полувремето имаа 33 : 19, а во последните 10 минути влегоа со 38 : 23. При крајот домашните малку попуштија, па му дозволија на ривалот да намали на конечни 41 : 30, но и тоа беше доволно за убедливо најефикасната партија сезонава. Најефикасна беше Радичевиќ со 8 гола, еден повеќе од Дембеле, а на голот блескаше Лејно со 21 интервенција. Кај гостинките Мавсар постигна 8 погодоци, додека Бајрамовска заврши со 4 гола. ЖРК Вардар со новите два бода го прескокна првакот на Словенија и сега е на 4 место во групата со 5 бода, во пресрет на гостувањето во Волгоград кај рускиот Динамо на 15 февруари.
