Вардар поразен во Загреб

07.02.2015 23:18

Двобојот на единствените освојувачи на Сеха титулата досега, мина во вистинска борба и интензитет само во второто полувеме, откако во првиот дел резервираната варијанта на двата тима донесе еден гол предност за Вардар...

Ракометарите на Вардар го доживеаја третиот пораз во Сеха лигата оваа сезона, трет на гостувањата по оние од Веспрем и од Мешков Брест. Загреб со 25-22 му се реваншираше на бранителот  на титулата за поразот во првиот дел и по три загубени меѓусебни двобои во оваа конкуренција успеа да го совлада големиот ривал.

Двобојот на единствените освојувачи на Сеха титулата досега, мина во вистинска борба и интензитет само во второто полувеме, откако во првиот дел резервираната варијанта на двата тима донесе еден гол предност за Вардар.

Во воведните пет минути од продолжението нашиот состав влезе многу поагресивно, обезбеди највисока предност од три гола, и најави победа. Но, наместо да го зголеми темпото и да наметне своја игра, со избрзани шутеви и нереализирани чисти удари, и пропусти во одбраната , му дозволи на противникот да се врати во игра. Загреб ја издржа резултатската неизвесност, избраниците на Веселин Вујовиќ ги казнуваа промашувањата на црвено-црните и максимално ја искористија својата шанса.

Во последните 10 минути од мечот во период од 5 минути обезбедија решавачка предност од максимални 4 гола и мирно го затворија триумфално натпреварот. Босанскиот репрезентативец Челица одигра клучна улога во финишот и беше најефикасен со 5 гола.Одлична подршка имаше од другите бекови, Степанчиќ и Мандалинич кои постигна по 4 гола. Кај Вардар остана неискористена одличната партија на Милиќ на голот кој одбрани 13 удари.Марковиќ погоди четирипати во вториот дел, трипати од седмерец, Дибиров и Шишкарев останаа на 4 гола од првиот дел.