Новаци: Поплавата го уништи домот на семејството Мицески
Ноќта, вторник спроти среда беше кобна за семејството Мицески. Големиот воден бран ја уништи куќата и покуќнината. Сместени во студенскиот дом „Кочо Рацин“, секојдневно се прашуваат кога и како назад ,кога се нема средства да се интервенира...

Новачкото семејство Мицески е разделено. Мажите покрај поплавената семејна куќа, а жените и децата на привремен престој во битолскиот студенски дом.
Неколку денови живееја со големата тага и мислата кога повторно ќе се вратат дома. Звукот на опасност на селската камбана вечно ќе одекнува во ушите на снаата Зорица.
„Кога го слушнав звукот излегов во дворот, се качив на една маса и видов голема количина вода. На почетокот бев опуштена, мислев дека е од насипите, но кога го случнав гласот на багеристот ’БЕГАЈТЕ’, навистина се уплашив“, вели снаата Зорица.
Од каде и како да се почне е секојдневното прашање на кое одговор бара свекорот Станко.
„Како понатаму не знам ни самиот. Сега сме само со десетте илјади што ги зема син ми. Пари немаме, куќа немаме, се што беше се уништи. Како ќе биди, незнам, потребите се големи, ние сме шестчлено семејство“, во тага вели Станко Мицески.
Нивната семејна куќа е најоштетена во Новаци
Минатата година семејството Мицевски ја вложи целата заштеда во модернизација на куќата. Водената стихија само за неколку часа го уништи сето она што го печалеле.
Ова семејство заслужува да ја почуствува добрината на хуманите луѓе.
Стевче Митревски
