Платформата за одбрана на Македонија ги обедини граѓаните

08.02.2015 18:11

Будност против оние што од својата алчност за власт не избираат средства и ги поткопуваат темелите на правната држава – граѓанското движење за одбрана на Македонија ја објави декларацијата. Во неа уште се вели дека власта во сите демократски држави се добива и се губи на избори и граѓаните не смеат да бидат инструмент на кој било странски интерес. По Скопје, поддршка стигна и од повеќе други градови од земјава...

Силно го осудуваме секој обид за дестабилизација на Македонија. Не смее да се дозволи ниту еден граѓанин на оваа земја да биде инструмент на странски интерес. Власта се добива и се губи на демократски избори, а само граѓаните на Македонија одлучуваат за Македонија. Ова го пишува во платформата на граѓанското движење за одбрана на земјата која што беше објавена денеска.
 
Поединци, групи и партии, понесени од својата алчност за власт, не бираат средства и ги поткопуваат темелите на правната држава се вели во платформата на иницијативата која беше основана во Скопје. Кон неа се приклучуваат и интелектуалци од други градови.
 
Да се активира моралниот суд на јавноста и да се подигне гласот за одбрана на интегритетот на земјата – порачуваат интелектуалците од Прилеп на кои масовно им се придружија низа организации..
 
Потпис за поддршка дадоа и спортисти, актери, универзитетски професори, лекари, наставници, пензионери и студенти од Штип.
 
Низ целата наша историја, а за жал и ден денес, странските служби и странските пропаганди се рак рана на Македонецот. Интересите на странските служби секогаш се спротивни со нашите македонски и затоа треба принципиелно и решително да се отфрлат, а било какво сојузништво со странец против Македонец  да се осуди од целото општество.  Ние сакаме мир и стабилност во нашата држава и нема да дозволиме поделба на македонското национално ткиво по ниту една основа – пишува во платформата за ослободување на Македонија.
 
 
 
Анита Димитријевска