Нов порој од грчки и бугарски амандмани за предлог-резолуцијата на ЕП за Макеоднија
Европратениците, посебно од Грција и Бугарија сериозно ја сватија нивната работа во Стразбур и Брисел, само тие предложија околу 150 амандмани од вкупно 296 на резолуцијата предложена од словенечкиот европратеник Иво Вајгл за напредокот на Република Македонија...

Убедливо, најмногу амандмани, дури 30 поднесе бугарскиот ултранационалист Ангел Џамбаски од партијата на Kрасимир Kаракачанов, од вкупно 58-те на бугарските европратеници во ЕП.
Повеќе од бугарските европратеници во однос на Македонија сработија грчките, со 92 амандами.
Во најголемиот број од нив се одразуваат и досегашните веќе добро познати негативни ставови на бугарските и грчките европратеници, со нивните „специфични“ видувања и толкувања за тоа што претставува „добрососедска политика“. Тие понекогаш како потпишувачи добиваат поддршка од свои сопартијци од другите европски земји.
Така дел од грчките европратеници, најпрво реагираат на заклучоците на Европскиот совет, во кои се наведува потреба од решавање на прашањето за името. Тие бараат и исфрлање од Предлог-резолуцијата дека треба да се земе во предвид и пресудата на Меѓународниот суд на правдата во врска со спроведувањето на Времената спогодба од 13 септември 1995 година.
Грчките европратеници инсистираат да биде вметнато дека македонската Влада „продолжува да ги поткопува добрососедските односи преку активности за прекршување на Времената спогодба и провокативни националистички изјави што служат за внатрешни цели”.
Дел од бугарските европратеници бараат да се исфрли податокот дека Македонија е најнапредната од сите земји-кандидати во однос на спроведувањето на европското законодавство, како и да се избрише предлогот за отворање на поглавјата 23 и 24 во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво. Потоа и нивното инистирање за почитување на правата на граѓаните на Македонија кои се „со бугарско потекло“.
Се бараат и прослави на историски датуми од заедничката историја меѓу двете држави, заштита на бугарски културни и историски споменици на територијата на Македонија, како и „промена на учебниот систем во оној дел каде грубо се фалсификува бугарската историја“.
Со други зборови, секоја година нова резолуција со исти амандмани како и во минатото, само годинава предлагачите се со други имиња со оглед на новиот состав на Европскиот парламент.
Известувачот Иво Вајгл, од своја страна предложи десетина амандмани за да ја појасни содржината на неговата прва предлог-резолуција за Македонија.
Од своја страна словачкиот европартеник Едвард Кукан повикува на отворање на преговорите со Македонија и според него секое понатамошно одложување на отворање на пристапните преговори може да има негативно влијание на реформскиот процес во земјата и кредибилитетот на ЕУ во регионот.
За сите овие амандмани од оваа недела во Стразбур ќе започнат преговори меѓу членовите на Комисијата за надворешни работи, како и меѓу различните политички групи. Многу од нив ќе се претворат во компромисни амандмани, по што на крајот од месецов ќе се дојде до компромисен текст на предлог-резолуцијата за која ќе се галаса на пленарна сесија во март.
Тони Гламчевски
