Хан: Политичките партии да ги решаваат проблемите во Собранието
Опозицијата да се врати во Собранието, побара еврокомесарот за соседство и проширување, Јоханес Хан, во изјавата за МТВ во Брисел. В недела, еврокомесарот пристигнува во Македонија, планирани се средби со државниот врв...

Европската комисија упати уште еден повик за враќање на опозицијата во Собранието. Ова е последен апел на еврокомесарот за соседство и политика за проширување, Јоханес Хан, пред неговата прва официјална посета во Македонија, на почетокот на следната недела, на средба со политичкиот врв и останатите засеганати страни во политичкиот процес.
„Како и секогаш ги повикувам сите политички партии да ги решаваат проблемите во Собранието, да имаат политичка дебата во Собранието, а не на некое друго место. Но, во моментов нема да коментирам за ништо повеќе, ќе ги чекам последните информации до следниот викенд“, изјави еврокомесарот Хан.
Првиот човек на Комесаријатот за преговори за проширување беше максимално воздржан во однос на последните случувања во Македонија, дипломатски избегнувајќи ги новинарските прашања.
Комесарот Хан не сакаше да детализира како Европската комисија планира да помогне во одболкирање на политичкиот процес во Македонија.
Во однос на временските непогоди и поплави, кои го зафатија регионот вклучително и Македонија, Хан рече дека Европската комисијата е целосно свесна за послеците и дека секако во наредниот период ќе се обиде да најде начин да излез во пресрет на засегнатите држави.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
