На терен со Војводина, во мислите со Монпелје
По дербијата со Мешков и со Загреб, актуелниот освојувач на трофејот вечер го очекува поопуштен натпревар против Војводина...

Три СЕХА натпревари во пет дена. Вардар фаќа силен залет пред двобојот со Монпелје од Лигата на шампионите наредниот викенд. По дербијата со Мешков и со Загреб, актуелниот освојувач на трофејот вечер го очекува поопуштен натпревар против Војводина.
И додека Новосаѓани останаа во Скопје по завчерашното реми со Металург, „црвено-црните“ со празни раце се вратија од Загреб. Пресметките велат дека им требаат уште две победи во основниот дел од СЕХА сезоната за да го обезбедат второто место и да имаат полесен ривал во полуфиналето на завршниот турнир на четирите најдобри.
Разликата во класи во однос на Војводина е неспорна. Вардар е и повеќе од фаворит. Српскиот тим реално нема што да бара против бранителот на трофејот. Ако постојат некакви дилеми, тие се вртат пред се околу моменталната форма на нашиот тим. Со многу повеќе напор отколку што се очекуваше го надигра Мешков во Скопје, за потоа да не може до крај против Загреб. Мечот во Осиек изнесе на виделина проблематични моменти коишто посилни и поквалитетни екипи од Војводина сигурно би можеле да ги искористат.
Но, згуснатиот календар во СЕХА е пред се во функција на она главното коешто му претстои на македонскито вицепрвак. Ако биде се в ред против Монпелје, со Рајн Некар, а потоа и во нокаут-фазата од шампионската лига, осцилациите во регионалната конкуренција ќе немаат никакво значење.
Преносот од мечот Вардар-Војводина е на Собраниски од 18.30 часот.
