Грција: Ципрас порача дека ќе ги одржи ветувањата

09.02.2015 14:54

Тој најави повеќе мерки за одземање на привилегиите на политичарите, како на пример, забрана за користење на министерските автомобили, а ќе се продаде и еден од двата владини авиони...

Грчкиот премиер Алексис Ципрас порача дека неговата влада ќе ги одржи ветувањата за бесплатна храна и струја на најзагрозените од мерките за штедење.
 
Тој најави повеќе мерки за одземање на привилегиите на политичарите, како на пример, забрана за користење  на  министерските автомобили, а ќе се продаде и еден од двата владини авиони. Порезот на имот ќе го укине, а за сметка на тоа ќе воведе порез за многу вреден имот. Минималната плата во Грција постепено до 2016 ќе се зголемува од сегашните 580 до 750 евра.
 
Што се однесува на јавниот долг на Грција кој што изнесува 320 милијарди евра, или 175% од БДП, Ципрас изјавил дека грчката влада ќе инсистира на преодно решение- споразум со европските партнери со кој ќе се овозможи прилив на финансии неколку месеци, додека не се дојде до нов споразум за долгот. Според тоа, вели Ципрас, Грција нема да прифати продолжување на пакетот помош за излез од кризата, зашто се покажал како контрапродуктивен.