Марсеј: Напад на полицијата непосредно пред посетата на премиерот Валс

09.02.2015 14:56

Истрелите биле во воздух и нема повредени ниту жртви. Според француските медиуми, не се работи за терористички напад, туку за пресметка на нарко-банди...

Вооружени и маскирани лица вооружени со калашникови отвориле оган врз полицијата во францускиот град Марсеј. Нападот се случил непосредно пред посетата на премиерот Мануел Валс, во насока на полициско возило кое било дел од обезбедувањето и во чијашто близина бил самиот директор на марсејската полиција.

„Слушнавме јасни истрели од калашников. Не знаеме дали беше пукано прецизно, но беа очигледно насочени кон нас“, изјави Пјер Мари Бурникел, директор на полицијата.

Истрелите биле во воздух и нема повредени ниту жртви. Според француските медиуми, не се работи за терористички напад, туку за пресметка на нарко-банди. Сиромашниот кварт Ла Кастелан е опколен од елитната полиција и во тек е голема операција. Евакуирана е локалната градинка, а на жителите им е советувано да останат во своите домови.

„Не знам што се случува. Ми кажаа дека ја евакуирале градинката, насекаде има полиција“, вели жител на Марсеј.

Нивото на безбедност во Франција е зголемено и на клучните точки е распоредена војската по минатомесечните убиства во Шарли Ебдо и супермаркет во Париз. Францускиот премиер Валс не ја одложи посетата на Марсеј и се очекува да пристигне попладнево, заедно со министерот за внатрешни Казанев.

Пристанишниот град Марсеј е еден од центрите на криминалот и нарко-трговијата во Франција и пресметките меѓу криминалците не се реткост.

 

Ивана Салтировска